Најдобриот во Европа ја одби НБА и потпиша нов договор со Анадолу Ефес!

Најдобриот кошаркар изминатата сезона во Европа, српскиот репрезентативец Василије Мициќ, реши да ги одбие неколкуте понуди од НБА и да го продолжи договорот со Анадолу Ефес на уште три години.

Оваа информација утринава ја објавија од турскиот клуб на социјалните мрежи, но набрзо ја избришаа, што секако не значи дека договорот не е постигнат, туку дека се избрзало со објавата. Се шпекулира дека е ова еден од најбогатите договори во историјата на европската кошарка, без да се споменуваат конкретни цифри.

Мициќ имаше понуда од Оклахома сити тандерс, која ги има правата врз него од НБА-драфотот, но не му испрати доволно примамлива понуда, повеќе во делот на гарантираната минутажа отколку во финансискиот дел. Тој минатата сезона во Евролигата имаше просек од 16,1 поени и 4,9 асистенции, а единствен е што уфрли најмалку 70 тројки и погоди најмалку 100 шутеви за два поени.