МЗТ Скопје по две ипол децении се враќа во Европа – сезонава ќе игра на три фронта!

Екипата на МЗТ Скопје следната сезона ќе настапува во групната фаза од ФИБА Еврокупот, што клубот денеска официјално го потврди, а што ќе биде враќање на европска сцена по пауза од две ипол децении.

„Металците“ последен пат во европско натпреварување настапуваше во сезоната 2000/2001 во тогашниот Куп Кораќ, во кој беше елиминиран во второто коло во кое се најде директно по двата порази од тимот на Војводина (78-81, 85-93). Аеродромци оттогаш во два наврати играа во Еврокупот на УЛЕБ (2013/14 и 2016/17), како и во регионалните АБА и АБА2 натпреварувања.

Ова ќе биде голем предизвик за четата предводена од тренерот Васко Атанасов, со оглед што паралелно ќе се игра на три фронта односно заедно со АБА2 и домашната Суперлига. ФИБА Еврокупот од сезонава ќе се игра во проширен формат, односно со 48 екипи поделени во осум групи по шест тима, што значи загарантирани 10 меча за македонскиот првак. МЗТ Скопје е еден од 24-те клуба со загарантирано директно учество, а се очекува 21 тим дополнително да се приклучи од квалификациите за Лигата на шампионите, од тие што нема да се пласираат во групната рунда. Последните три екипи ќе бидат добиени преку квалификации.

Ждрепката за одредување на групите е закажана за 16 јули во Минхен.

ДИРЕКТНИ УЧЕСНИЦИ: МЗТ Скопје (Македонија), Тарту, Калев (Естонија), Трепча, Башкими (Косово), Валмиера (Летонија), Генче (Азербејџан), Остенде (Белгија), Локомотив Пловдив (Бугарија), Сплит (Хрватска), Керавнос (Кипар), Жирона (Шпанија), Шалон, Нанси (Франција), Трир (Германија), Миконос, Ираклис (Грција), Солнок (Унгарија), Зиелона Гора, Шчеќин (Полска), Спортинг (Португалија), Крајова (Романија), Нитра (Словачка), Есенлер Ерокспор (Турција).