„Македонецот Димитријевиќ е најлош дефанзивец во Евролигата!“
На дуелот со Анадолу Ефес, тој не се запиша во листата на стрелците што не му се случи досега, а на теренот помина 13 минути и во тој период шутна само два пати и тоа за тројка. Сепак, навивачите на Олимпија Милано не му забележуваат толку за лошиот напад, колку за неговата игра во одбраната каде воопшто не се истакна. Својот револт тие го истакнаа на социјалните мрежи каде остро го нападнаа Димитријевиќ за залагањето и дефанзивниот перформанс.
„Ако сте потпросечен дефанзивец во Европа, треба да бидете барем ѕвезден напаѓач за да бидете неутрални или позитивни за вашиот тим. Прв проблем: Димитријевиќ е нормален напаѓач. Втор проблем: моментално е најлошиот дефанзивец на топката на стартот од Евролигата“, беше коментарот на еден од фановите на Твитер.
Кошаркарот за кој во одбраната беше задолжен Димитријевиќ, Дариус Томпсон синоќа го одигра најефикасниот натпревар во Евролигата оваа сезона, постигнувајќи 17 поени. За тоа не е највиновен нашиот репрезентативец бидејќи Томпсон на теренот помина 29 минути, но секако влијаеше тој да се разигра во раната фаза од мечот.