Реал се обиде да ја вмеша Барса во нов скандал, а самиот падна во него

Официјалниот телевизиски канал на Реал Мадрид во изминатите денови објави прилози во кои се тврди дека Жоан Лапорта, за време на еден од своите претходни мандати како претседател на Барселона, лично одобрил исплата од околу 4,5 милиони евра кон компанија поврзана со Тебас.

Веројатно во клубот не очекуваа дека Тебас ќе одговори со објавување фактури на својот профил на „X“, со кои тврди дека Реал Мадрид во периодот од 2011 до 2013 година ѝ исплатил вкупно 7,5 милиони евра на истата компанија.

Но, тука не застана. Претседателот на Ла Лига објави и дополнителни документи според кои Реал Мадрид во 2014 година ѝ исплатил уште 2,1 милион евра на „Audiovisual New Aged“, а во 2016 година дополнителни 541.000 евра. Тебас истовремено наведе дека компанијата не работела исклучиво со Реал Мадрид, туку дека имала договори со голем број клубови од Ла Лига. Според неговите тврдења, „Audiovisual New Aged“ им исплаќала средства и на клубовите кои потпишале соработка со неа, а во целиот проект биле вклучени вкупно 35 тимови.

Со објавените фактури, Тебас сака да покаже дека соработката со „Audiovisual New Aged“ не била поврзана само со Барселона, туку дека и Реал Мадрид бил клиент на компанијата и во повеќе наврати ѝ исплаќал значителни суми.