Македонците ќе играат еден против друг во Еврокупот, ама не и против Партизан!

Екипите на Валенсија и Будуќност, за кои настапуваат кошаркарските репрезентативци Ненад Димитријевиќ и Џејкоб Вајли, се најдоа во иста група во Еврокупот, што значи дека ќе има најмалку две македонски дерби пресметки во ова, второ по квалитет клупско натпреварување на Стариот континент.

Двата тима влегуваат со високи амбиции, што повеќе се однесува на шпанскиот тим, кој сака враќање во Евролигата со освојување на трофејот во Еврокупот. „Македонските“ екипи воедно го избегнаа дримтимот на Партизан предводен од најтрофејниот на сите времиња, Жељко Обрадовиќ. Димитријевиќ и Вајли добија квалитетни ривали, меѓу кои е и италијански Виртус, кој вчера го обнови договор со Милош Теодосиќ за 1,7 милиони евра.

ГРУПА А: Андора, Локомотив Кубан, Хувентуд, Партизан, Лиеткабелис, Тренто, Метрополитанс 92, Анкара, Хамбург Тауерс, Сласк Вроцлав.

ГРУПА Б: Валенсија, Прометеас, Г. Канарија, Будуќност, Виртус, Цедевита Олимпија, Бург, Ратиофарм Улм, Бурсаспор, Венеција.