Јанакопулос ја нападна Евролига: Никој нема да сака да инвестира во овој циркус (ВИДЕО)

Сопственикот на Панатинаиос, Димитрис Јанакопулос лошо го поднесе поразот на неговиот тим од Партизан на вчерашниот меч во Белград и денеска жестоко ја нападна Евролига.

Атинскиот тим ја имаше контролата над резултатот до средината на последната четвртина, а потоа почна големиот пресврт на домаќините кои прво се изборија за продолжение, а во него го совладаа ПАО. Јанакопулос на социјалните мрежи објави видео со неколку сомнителни одлуки, а удри и по раководството на лигата.

 

 

„Не е важно колку арапски и петродолари ќе донесете во лигата, со вакви судии ниедна сериозна компанија нема да инвестира во Евролига, ниту ќе дозволи нејзиното име да биде покрај овој циркус“, напиша контроверзниот Грк.

Ова не е првпат тој да влегува во конфликт со Евролигата. Пред неколку години дури најави и истапување од елитното натпреварување, но со него има важечки договор со предвидени пенали и се откажа од својата намера.