Евролигата со 24 тима, примирје со ФИБА со посредство на – НБА

Најсилната кошаркарска лига на светот, НБА посредува во помирувањето на Евролигата, здружението на најдобри клубови и Светската кошаркарска федерација (ФИБА), по што сериозни промени ќе има во најсилното кошаркарско натпреварување во Европа.

Угледниот новинар на СДНА, Сотирис Ветакис најави дека утрешниот состанок на Генералното собрание на Евролигата ќе биде историско, на што ќе се донесат радикални и историски промени, а на истиот состанок ќе биде и Марк Тејтум, десната рака на Адам Силвер, комесарот на НБА.

Според најавите, Евролигата ќе биде проширена на 24 екипи и нема да биде така затворена како досега, со тоа што од Еврокупот, кој сега ќе се спои со Лигата на шампиони на ФИБА, наместо шампионот и евентуално финалистот од ова второ по ранг натпреварување, во елитната Евролига ќе влезат најдобрите шест екипи.

Со тоа ќе се зајакнат домашните првенства, а НБА ќе посредува во помирувањето на ФИБА и Евролигата и околу календарот, односно да се усогласи еден единствен календар во кој репрезентациите ќе може најдобрите кошаркари од европските клубови да ги користат за настапите во репрезентативните прозорци.

Наводно, гигантската платформа Нетфликс треба да стане партнер на Евролигата и мечевите да се пренесуваат на истата, со што клубовите би добиле сериозни приходи од ТВ-правата, а ќе се избере и нов претседател на Евролигата на местото на Жорди Бартомеу, а во игра е српската легенда Дејан Бодирога и Хесус Чу Буено, потпретседателот на НБА Европа, зад кого стојат шпанските клубови.