Бура во Летонија пред стартот на Еуробаскетот: На подготовки потрошени над милион евра

Кошаркарската федерација на Летонија се најде на удар на тамошните медиуми откако во јавноста излезе информација дека на подготовки на репрезентацијата за Европското првенство биле потрошени 1,14 милиони евра.

Дури и за Летонците, ова е преголема сума иако во неа не влегуваат само подготовките и барањата на кошаркарите, туку и многу придружни елементи, пред се организација на турнирот во Рига на кој учествуваа и Словенија и Литванија. Генералниот секретат на Федерацијата, Каспарс Ципрус се обиде да ги објасни високите трошоци.

„Сумата од 1,14 милиони беше наша проекција која ја направивме уште во текот на пролетта. Во неа вклучивме се, не само подготовки, туку и организација на на натпреварите, забавна програма и сите останати трошоци. Обично, еден месец подготовки чини меѓу 700 и 800 илјади евра, Владата ни даде 340 илјади, а остатокот го покри Федерацијата.

Да, ги плативме авионските билети за Словенците бидејќи тоа беше единствен начин да дојде Лука Дончиќ. Без него ќе продадевме само 60-70% од билетите, а со него целата арена беше распродадена. Ако ги сакате најдобрите играчи, мора нешто и да вложите“, објаснува Ципрус.

Летонија е и ко-организатор на Европското првенство, а лани беше и домаќин на еден од квалификациските турнири за Олимписките игри за што мораше да плати пет милиони евра. Се заедно, во овие две години, Кошаркарската федерација и Владата на на Летонија потрошиле околу 10 милиони евра.