Атаман полудел поради транспарент за Кипар: Намерно направив инцидент

Турскиот стручњак Ергин Атаман е во центарот на вниманието на европската кошаркарска јавност откако синоќа беше исклучен од дуелот против Макаби поради жесток протест кон судиите.

Стите помислија дека тој негодува на една судиска одлука, недосуден фаул над Џеди Осман, но причините за револтот биле сосема други. На една од трибините во салата во Никозија, каде се игра турнир во рамките на подготовките за новата сезона, бил истакнат транспарент со политичка содржина: „Никој нема да ја заборави нелегалната окупација која трае со години“. Алузијата е на северниот дел на Кипар кој е под контрола на Турција, Атаман е Турчин и бил погоден од оваа политичка порака, па денеска со соопштение објасни што се случило.

„Јас, Ергин Атаман, тренер на Панатинаикос прифатив да учествуваме на овој турнир за да придонесеме за мир и пријателство во светот. Одлично бевме прифатени во земјата, атмосферата беше прекрасна, но на синоќешниот натпревар, една група луѓе истакна политички транспарент за кој сметам дека не му е местото тука. Реагирав најжестоко што можев и направив инцидент за да го насочам вниманието кон таа ситуација. Спортските објекти не се места за политика, туку за мир и пријателство. Знам дека овој транспарент нема да има никакво влијание кон илјадниците Грци кои ме сакаат и почитуваат, но на вакви работи треба да им се стави крајот“, напиша, меѓу другото, Атаман во соопштението.

Панатинаикос на крајот загуби од Макаби, но натпреварот остана во длабока сенка на постапката на трофејниот турски стручњак.