Три кошаркарки во петтата деценија и четири со по 13 години ќе играат во Првата лига!

Македонската женска кошарка со години наназад е пример за огромен дисбаланс помеѓу актерките на теренот во делот на годините, кој овој пат е буквално драматичен со оглед што помеѓу највозрасните и најмалите постои повеќе од тројна разлика во годините.

Сезонава во елитата, која е поделена во две групи, настапуваат дури 17 екипи, што е своевиден рекорд со оглед на огромниот пад на овој спорт кај нас повеќе од една ипол деценија. Но, тоа, пак, носи проблем за пополнување на ростерите, поради што екипите пријавуваат кошаркарки кои одамна ја поминале границата ветеранки, но и кои сѐ уште влегуваат во категоријата – деца.

Колку и да е некултурно да се говори за годините кога станува збор за дамите, сепак, спортот генерално не треба да е оптоварен со родовите ограничувања, поради што не би требало да е проблем да се проблем да се потенцира дека улогата на највозрасна во двете Први лиги ја има Весна Горчилова, која е родена 1976 година и е регистрирана за тимот на Патриот. Веднаш зад неа е Елеонора Георгиева-Атанасова, која е една година помлада односно има 44 години. Навлезена во петтата деценија е уште една од кошаркарките пријавени во двете прволигашки конкуренции, а тоа е Даниела Крнчески од Тим Арена.

Колку што ова не е воопшто дискутабилна работа, со оглед што годините кај спортист(к)ите се релативна работа, а најважно е физичката и менталната подготвеност за натпреварување, повторно како проблем се наметнува играњето на дечиња кои реално влегуваат во пионерска категорија. Во новата сезона во сениорска конкуренција, ќе настапат дури четири девојчиња кои имаат по 13 години, од кои две играат за Ринија, а по една за Шкупи и за ЖКК МЗТ Скопје. Ова и во минатото беше тема за дискусија, за тоа дали воопшто е исправно да се доволи на толку млади спортист(к)и да влезат во дуели со ривал(к)и кои се тројно повозрасни, но и дали нивните млади организми се подготвени да влезат во пресметки од сениорска конкуренција.

Компромисот беше најден во обезбедување лекарска потврда од двајца доктори, кои потврдуваат дека малолетните спортист(к)и можат да бидат дел од сениорските екипи. Но, етичката дилема се уште останува и наметнува прашање дали раководството на КФМ мора да се вмеша во целата приказна и да постави некоја минимална граница во делот на возраста или пак да ги заострат физиките и ментални проверки со цел децата што се занимаваат со спорт да бидат максимално заштитени, а не злоупотребени во борбата за добивање што е можно поголем ваучер од државата.

А, токму тој ваучер, според луѓето од кошаркарските кругови, е што нема Втора лига во женска конкуренција, туку екипите, кои никогаш не биле побројни во последната деценија и повеќе, се поделени во две Први лиги со цел да се исполнат условите за добивање пари од државата.

ФОТО: Илустрација