Трето странско засилување: МЗТ Скопје си го врати центарот Бојиќ!

По едногодишен престој во романскиот тим Волунтари, српскиот центар Андрија Бојиќ (27 год, 207 см) во следната сезона повторно ќе го носи дресот на МЗТ Скопје, каде што настапуваше една ипол сезона и каде што лани дојде до шампионскиот пехар.

Високиот кошаркар беше еден од најдобрите во сино-белиот дрес во сезоната 2018/19, со просек од 16,3 поени и 5,9 скока во средбите од АБА2-лигата како и со просечно реализирани 13,4 поени и пет скока во средбите од домашното првенство. Бојиќ првите кошаркарски чекори ги направи во дресот на Мега Визура, по што играше за екипи како ОКК Београд, Борац Чачак, Младост Земун, КСЕ Јашбери (Унгарија), Полфарма (Полска) и романска Политехника.

Србинот е трето странско засилување за актуелниот шампион во пресрет на новата сезона во која, според луѓето од клубот, влегуваат со највисоки амбиции во АБА2-лигата и во двете домашни натпреварувања, по Американците Феми Олуџоби и Хасани Гравет. Тренерот Ѓорѓи Кочов на располагање има и шест македонски репрезентативци и тоа Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ и Филип Бакоч.