Тренерите креваат глас: Зошто во Македонија има различен корона-протокол само за кошарката?

Додека домашните првенства во фудбал и ракомет, а од викендов и во одбојка, непречено се одвиваат, кошаркарскиот шампионат и по неколку пролонгирања на стартот никако да почне, што донесе револт кај самите актери, кои се загрижени дека ако продолжи вака ќе останат без својата основна егзистенција.

Поради ова, со реакција на различните протоколи во македонскиот екипен спорт се јави Здружението на кошаркарски тренери (ЗКТ), кои бараат рамноправен третман на сите спортови во државата.

„ЗКТМ се огласува по повод различните толкувања на протоколите во екипниот спорт во Македонија. Имено, по првиот позитивен тест на еден играч во кошаркарскиот клуб Работнички, целата екипа заедно со дел од стручниот штаб беше ставена во 14 дневна самоизолација, иако сите беа тестирани и добија негативни резултати. Првенството беше одложено за една недела. Непосредно пред стартот на новиот термин по скрининг тестирање на сите екипи, повторно имаше случај на двајца позитивни овојпат во МЗТ и повторно целосна изолација на сите играчи , а останатите исто како во претходниот случај беа негативни на истото тестирање. Навистина големи нелогичности и различно спроведување на протоколите и законите во иста држава.

Додека сме сведоци во ракометот или фудбалот каде неколку играчи се појавуваат позитивни со симптоми на ковид-19 и во изолација остануваат само 10 дена исклучиво само позитивните, а натпреварите продолжуваат. Неверојатно и необјасниво е како би почнало кошаркарското првенство доколку овие протоколи продолжат да важат само во кошарката. Секогаш ќе постои ризик еден позитивен случај да ја смести цела екипа во изолација, а индиректно да ја суспендира лигата.

Повикуваме до одговорните служби да почнат да ги спроведуваат протоколите во македонската кошарка кои важат за сите екипни спортови во цела Европа, со цел да не се случи уште една сезона која би била неодиграна овојпат воопшто и почната. Штетата од таквиот исход би била несогледлива за многумина кои се дел од овој спорт, како и за младите и нивниот развој.

е разбира дека здравјето на сите партиципиенти и љубители на спортот е најважно, но со придржување и следење на протоколите за ковид-19, ризикот е сведен на минимум, а кошарката како и секој спорт може да продолжи.

Апелираме за брзо надминување на несогласностите со цел што побрз рестарт на првенството“, се вели во соопштението на кошаркарските тренери.