ТФТ имаше и +17, ама Чаир не дозволи брејк

Екипата на Чаир поведе со 1-0 во четвртфиналната серија од домашниот плејоф откако по голема драма, вечерва го совлада ТФТ со 81-78.

Чаирчани дојдоа до триумфот и покрај тоа што противникот водеше со 17 поени разлика во втората четвртина, а во последната влезе со +10. На седум минути пред крајот беше 73-60, а потоа дојде до невидена блокада кај кошаркарите од Тафталиџе кои не успеаја да постигнат поен повеќе од шест минути.

Домашниот тим го искористи тоа и со серија од 14-0 го презеде водството, а потоа, во финишот од маратонската последна четвртина која траеше 45 минути успеа да ја сочува предноста и да излезе како победник. Клучниот момент се случи на 16 секунди пред крајот, при водство на Чаир од 78-77 кога Верц лошо изведе од страна, Далгер ја украде топката и со забивање го однесе својот тим на +3.  Со истекот на времето, Зафиров шутираше од центар, топката заврши во обрачот, но не помина низ мрежичката.

Роби со 20 поени го предводеше Чаир, Далгер постигна 19, а Галовеј 17. Кај ТФТ, Верц беше најефикасен со 17 поени.