Се подготвува спектакл во Битола: Седум „волци“ во лов по пехарот на МЗТ!
Домаќинот Пелистер денеска организира прес-конференција на која присуствуваа претставници на осумте екипи учесници, пред чиј почеток претставниците на МЗТ Скопје го добија пехарот во трајна сопственост. Аеродромци веруваат во своите сили и најавуваат лов по 12. трофеј во ова натпреварување.
„Мило ми е што се повеќе градови низ Македонија стануваат кошаркарски, што тоа сега ќе важи и за Битола, која е познато како ракометен град. МЗТ има 11 куп-трофеи, а годинава одиме да освоиме уште еден. Два шампионски пехари веќе освоивме во Битола, се надевам дека овој град ќе ни биде среќен и во куп-завршницата. Гостивар ни е прв противник, предводен од легенда на македонската кошарка. Почнавме лошо во 2024 година, па потоа врзавме пет победи и во релативно добро расположение одиме на Купот“, изјави Миодраг Тодоровиќ, помошникот во стручниот штаб на МЗТ.
Противник на актуелниот освојувач на двојната круна ќе биде Гостивар, предводен од еден од најдобрите македонски тренери на сите времиња, Јорданчо Давитков.
„Очекувам кошаркарски фестивал бидејќи екипите се израмнети и на сите ќе им треба посебен труд за да дојдат до трофејот. Во Купот нема фаворити, тоа е специфично натпреварување и никој нема гарантирана победа. Единствен проблем за Гостивар е тоа што имаме многу повредени играчи, на последниот натпревар бевме комплетни, но кошаркарите се едвај на 30-40-отсто од капацитетот. Илузорно е за МЗТ да се трошат зборови, последната деценија е најдобра екипа во Македонија и со овие играчи што ги има доминира. Ќе се обидеме да дадеме отпор и да одиграме најдобро што можеме, а ќе видиме колку е тоа доволно. МЗТ Скопје е прв фаворит за освојување, а ние ќе се обидеме да им попречиме во остварувањето на нивната цел“, изјави Давитков.
Дуелот помеѓу МЗТ и Гостивар ќе се одигра во 12 часат ќе ја отвори четврт-финалната програма во Битола закажана за в четврток (15 февруари).