Се чека реакција од Антиќ: Тим од Скопје се пријави за настап во Албанско-косовската лига!?

Новонајавената заедничка лига на екипи од Албанија и Косово предизвика голем интерес не само во овие две земји туку и во нивното соседство, пред сѐ во Србија и Македонија каде што со различни емоции се пречека идејата за кошаркарско обединување.

Додека Небојша Човиќ, првиот човек на српскиот шампион Црвена звезда, се мајтапи со желбата да се формира нова АБА (Албаниан баскетбол лиг) наведувајќи дека тоа е само бидејќи „албанскиот премиер многу сака да носи патики Адидас“, кај нас работите се далеку посериозни. Причина за тоа е фактот што еден тим веќе побарал прием во најавената заедничка лига, што секако не е дозволено со статутот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), барем не без дозвола на нашата Куќа на кошарката.

Станува збор за второлигашот Албес, кој минатата сезона дебитираше во натпреварувањата под капата на КФМ. Екипата е убедливо последна во источната група од Втората лига со една победа во 11 меча, но тоа не ја намалува сериозноста на писмото кое го испратиле до челниците на новото албанско-косовско натпреварување.

„Управниот одбор на Албес дава поддршка на формирањето на оваа лига, како и за идејата за спортски обединување на Албанците, со надеж дека таа ќе ги вклучи и екипите од Македонија, но и од Црна Гора, Грција и од Прешево. Поради тоа, ве повикуваме да поканите македонски екипи, меѓу кои Албес е веќе подготвен да одговори позитивно и да ја развива и поддржи оваа идеја. Веруваме дека имаме со што да придонесеме“, се вели меѓу другото во писмото упатено до новото натпреварување.

Останува да се види дали ваквото барање ќе добие официјална форма и што тоа ќе значи за второлигашот од Скопје во односите со КФМ. На претседателот Перо Антиќ е да реагира уште пред воопшто да дојде до било каква реализација на плановите на Албес за преселба во друго натпреварување, особено што тоа може да повлече и други наши екипи зад кои стојат етнички Албанци.