Рубрика „верувале или не“: Куманово регистрира 59-годишен кошаркар! (ФОТО)

Македонската кошарка се соочува со момент кој дефинитивно влегува во категоријата „верувале или не“, откако на пријавната листа на екипата на Куманово 2009, која се натпреварува во Втората лига се најде името на некогашниот тренер на прволигашот од овој град, Страшко Тодоровиќ.

Причина што ова е приказна која е вредна за објавување е фактот што кошаркарот на кумановскиот второлигаш следниот месец ќе наполни дури 59 години. Тодоровиќ е добро познато име во македонската кошарка, прво како одличен играч на тимот од својот роден град, ама пред неколку децении, а потоа и како „девојка за сѐ“ односно помошник и прв тренер на Куманово и тоа во времето кога овој тим се бореше за самиот врв во макбаскетот.

Самиот факт што се најде на пријавната листа на членот на Втората лига не го прави популарниот Страшко највозрасен кошаркар во историјата на овој спорт кај нас, но ако во текот на сезоната реши да стапне на паркетот тогаш тој дефинитивно ќе влезе во кошаркарските анали. Засега нема таква опасност, бидејќи неговото регистрирање не е мотивирано од желба за доцнежно враќање на теренот, туку исклучиво за избегнување на актите на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Имено, Куќата на кошарката годинава максимално ги заостри критериумите за издавање тренерски лиценци барајќи соодветно образование од кандидатите (Факултет за физичка култура), нешто што не може да го исполнат сите, особено не стратезите од повозрасната генерација. Токму поради ова, одреден број од екипите во Македонија ќе бидат предводени од кошаркари или службени претставници, а не од тренери, нешто што дефинитивно е и во случајот со Куманово 2009.

Во моментов, највозрасен кошаркар кој настапил во македонската кошарка е поранешниот шампионски тренер со Никол Ферт, Мирослав Георгиевски-Паланка, кој во април 2012 година одигра натпревар во дресот на тогашниот второлигаш Водњански лисици и тоа со полни 55 години. Највозрасен прволигашки играч, пак, е Будимир Јоловиќ, кој на 49 години настапуваше за екипата на Карпош Соколи.