Првото место ни избега, во Кардиф ќе бркаме втора позиција и подобро место во баражот! (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација не успеа да го победи Казахстан и по втропат во овие квалификации, вечерашниот натпревар во Скопје заврши нерешено 1-1, а со тоа пропаднаа нашите шанси за првото место во групата и директен пласман на Светското првенство.
 

По големото реми во Гент против Белгија се создаде голема еуфорија пред денешниот меч со Казахстан, Националната Арена „Тодор Проески“ беше речиси исполнета, македонските фудбалери имаа голема поддршка од трибините за да остварат победа, но за жал тоа не се случи.

Бевме сериозен фаворит во овој меч, но не го одигравме нашиот најдобар натпревар, имавме свои моменти, особено во вториот дел од натпреварот, но не успеавме да ги освоиме трите бода.

Казахстан подобро го почна натпреварот, го имаа поседот на топка и се обидуваа да креираат шанси. Во четвртата минута Заинутдинов можеше да искористи една грешка на Димитриевски, но нашиот голман го скроти неговиот удар.

И втората посериозна шанса беше за Казахстан, во 19. минута Чешноков од три метри биеше со глава, но топката отиде над пречката од нашиот гол.

Македонија првата шанса ја имаше во 24. минута кога по нафрлиување на Алиоски, Ристовски се обиде со глава, топката беше лесен плен за голманот Сеисен.

Десет минути подоцна следуваше најдобриот период на нашата репрезентација во првото полувреме, во 2-3 минути создадовме три големи шанси, двапати биеше Ристовски, еднаш се обиде Велковски, но Сеисен беше одличен и не дозволи радост за Македонија.

На полувремето Милевски направи две замени, ги извади Миовски и Велковски, а на нивно место влегоа Чурлинов и Костадинов.

По седум минути игра во второто полувреме Ристовски повторно се најде во шанса, убаво шутираше од тешка позиција, но Сеисен и овојпат одбрани.

Брзо потоа студен туш на Арената, Димитриевски направи грешка која ја казни Караман кој донесе водство за Казахстан од 1-0.

По примениот гол Македонија тргна поофанзивно, Казахстан задоволен од водството се повлече. Во 61. минута ја имавме првата шанса за израмнување, Костадинов шутираше крај голот.

Во 74. минута мајсторија на Барди од слободен удар за израмнување на 1-1, македонскиот капитен со перфектен шут ја затресе мрежата на Казахстан за ерупција на Арената.

Постигнатиот погодок им даде крилја на македонските фудбалери кои почнаа да напаѓаат силно за комплетен пресврт и победа, но тешко се создаваа шанси.

Во 85. минута се обиде нововлезениот Трајковски, но неговиот удар беше лесен плен за голманот Сеисен.

Македонија продолжи да се обидува до последниот судиски свиреж, гостите се закануваа од контра напади, двете селекции можеа да дојдат до победа, но трет гол немаше. Натпреварот заврши 1-1.

Нашата репрезентација ги загуби шансите за првото место, но против Велс ќе се бориме за втората позиција која може да ни донее полесен противник во баражот.