Растур-систем во Кале: ТФТ му одржа лекција на МКК Куманово (ФОТО)
Екипата од Тафталиџе славеше со 80-64 и остана на челната позиција на табелата со тоа што утре ќе се знае дали ќе биде осамен или и натаму ќе ја дели со Пелистер. Денешниот меч не понуди никаква драматика бидејќи МКК Куманово не поведе во ниеден момент, а ТФТ го диктираше темпото во текот на сите 40 минути.

Како ќе се одвива натпреварот можеше да се предвиди уште во првите три минути во кои ТФТ веќе имаше 9-0. Гостите привремено се консолидираа и намалија на 11-13, подоцна и на 20-22, но ТФТ замина на голем одмор со 48-31 и уште во тие моменти беше јасно дека МКК Куманово нема што да бара во Скопје. Во вториот дел, кумановци ниеднаш не успеаја да намалат на едноцифрена негатива.

Дејвис беше најефикасен кај ТФТ со 23 поени, а се истакна и Гордон со 18 поени и 9 скока. Стевановиќ со 20 поени го предводеше МКК Куманово за кого не играа Радукиќ и Кнежевиќ.
Во вториот меч во истиот термин, Кожув го совлада тимот на Ангели со 89-59.



