Работнички се измачи, но го скрши отпорот на Црн Дрим

Работнички ја запиша 14. победа сезонава во домашниот шампионат откако денеска се измачи против Црн Дрим, но сепак славеше со 85-78.

Црн Дрим му создаде големи главоболки на Работнички уште од самиот почеток на натпреварот затоа што во најголем дел од првата четвртина имаше водство, кое во еден момент изнесуваше +7 (14-7), по што нивниот ривал направи пресврт и на полувреме замина со 43-41.

Меѓутоа, во третата четвртина Црн Дрим повторно го презема водството и избега на шест поени разлика (62-56), но во последниот дел од натпреварот нивниот отпор се намалуваше, а Работнички полека ја топеше разликата, по што запиша нов триумф во првенството со 85-78.

Питс беше најефикасен во екипата на Работнички со 25 поени, два скока и четири асистенции, додека на спротивната страна Пантиќ постигна 16 поени, осум скокови и шест асистенции.