Работнички го повлече Куманово во битка за опстанок – навивачки спектакл на трибините (ФОТО)
Екипите одиграа две различни полувремиња, со оглед што кумановци беа во водство во најголем дел од првото полувреме и тоа со дури плус девет (25-16) на стартот од вториот период. Центарци пресвртот го направија во финишот од оваа и стартот на третата четвртина, кога со серија 14-2 од минус пет дојдоа до плус седум (47-40) што им ја зголеми самодовербата. Црвено-белите до крајот го имаа водството, но во ниту еден момент не повеќе од седум поени разлика, додека гостите не успеаја да намалат на помалку од минус три. За Куманово ова беше десетти пораз, кој го доведе во ситуација да се бори за опстанок наместо за титулата.

Мечот не беше спектакуларен само на теренот, туку и на трибините, каде што беа Сити Парк Бојс и Кумани. Атмосферата беше фантастична, а и двете навивачки групи се истакнаа со транспаренти и кореографија. Кумановци имаа порака за противникот за испаѓање во Втората лига, додека домашните фанови му оддадоа признание на легендарниот Благоја Георгиевски-Буштур и уште неколкумина од поранешните лидери.







