Работнички ангажира и трет Американец, ама остана без одличниот Балмазовиќ!

Само неколку часа по синоќешниот триумф на Работнички над Куманово, специјализираниот кошаркарски интернет-портал „Спортандо“ објави дека овој тим се засилил со Иван Аска (30 год, 203 см), кој е роден на Флорида и кој покрај американското има и државјанство на Девствените острови и Порторико.

Тој доаѓа од Израел, каде што играше за Хапоел Хевел каде што просечно реализираше 21 поен и 8,6 поени по меч во минатата сезона. Крилниот центар уште играше и за Колосос, Нанси, ПАОК, Ирони Рамат Ган, Ирони Нес Зиона, Макаби Ашдод, Кангрејерос, Икарос Халкидас и Леувен, а воедно е и репрезентативец на Девствените Острови.

Аска доаѓа на местото на Стефан Балмазовиќ, кој подолго време не е во составот на центарци, прво поради коронавирусот, а потоа најверојатно поради прекин на соработката. Неговото име повеќе не фигурира на пријавната листа на црвено-белите од „Градски парк“, како доказ дека тој повеќе не е дел од овој клуб. Балмазовиќ сезонава настапи на девет средби во домашното првенство, со просек од 19 поени и 5,6 скока, додека во АБА2 на седум меча просечно реализираше 11,6 поени и 2,7 скока.