По Никол Ферт, Ж. Вардар, Кочани: Макбаскетот остана без уште еден гигант!

Како гром од ведро небо денеска дојде информацијата за откажувањето од сите натпреварувања во сите возрасти на тројниот македонски шампион Еуро Никел, кој ја информира Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) дека се повлекува од Првата лига.

Причина за ова е откажувањето на спонзорството од страна на фабриката „Еуро Никел“, која скоро 15 години го финансираше овој колектив, кој во тој период од второлигаш стана еден од најдобрите тимови во дрќавата. Поранешниот Тиквеш, а потоа и Фени индустри покрај шампионските трофеи на двапати беше победник во Купот на Македонија, а како прв во историјата на макбаскетот дојде до меѓународен трофеј, тој во БИБЛ лигата во 2011 година.

„Согласно известувањето за престанување на спонзорирање на Еуро Никел Индустри ДОО Кавадарци во нашиот клуб и во спортот воопшто, ве известуваме МКК Еуро Никел 2005 го откажува учеството во сите натпреварувања и категории во организација на КФМ и сите членови на клубот, стручниот штаб и играчите во сите категории се ослободени од договорните обврски“, се вели меѓу другото во дописот на кавадарчани до КФМ.

Најава за ваквиот потег на управата беше неодамнешната суспензија од ФИБА поради неплатен долг кон Предраг Самарџиски, поради што клубот доби забрана за регистрирање странски кошаркар. Но, со ваквото соопштение, тоа воопшто и не е важно, со оглед што прашање е дали клубот воопшто ќе постои во иднина. Еуро Никел со ова влегува во кругот гиганти на макбаскетот, кои престанале да постојат како Никол Ферт, Жито Вардар, Кочани Деликатес, АМАК-СП, Блокотехна и други, кои со своите настапи оставија белег, но кои не ги издржаа финансиските проблеми.