Перо Антиќ со само еден глас против и официјално реизбран за претседател на КФМ!

Поранешниот троен европски шампион, Перо Антиќ и во следните четири години ќе ја предводи македонската кошарка, откако на денешното Изборно собрание доби поддршка од 40 од присутните членови, од кои само еден не му ја даде поддршката.

Поранешниот репрезентативец на чело на КФМ дојде во 2019 година и во неговиот мандат не се случи ништо спектакуларно ниту на репрезентативен, а уште помалку на клупски план. Жолто-црвените и понатаму товорат на самото дно на европската кошарка, повеќе играат во претквалификации со „дунстери“ отколку со најдобрите на континентот, додека клубовите се далеку од правење нешто позначајно, освен со повремените блесоци на МЗТ Скопје како враќањето во јадранската елита.

Во меѓувреме често беше напаѓан од јавноста поради своите одлуки и однос кон одредени клубови, а беше на тапет и поради појавување на средбата на ракометарите на Македонија во блузон на Црвена Звезда. Во него мандат македонските селекции првпат настапија со Северна Македонија напишано на дресовите, наместо како претходно со знаме на местото на името на државата.

Антиќ (40 години) ја заврши кариерата во 2018 година во дресот на белградска Црвена Звезда и веднаш по пензијата седна на претседателското столче во мак-баскетот. Тој дојде на местото на уште една кошаркарска легенда, Петар Наумоски.