Згасна еден од најтрофејните клубови во Словенија!

Еден од најтрофејните словенечки фудбалски клубови, Горица, официјално замина во стечај и престанува да функционира во досегашната форма по повеќегодишните финансиски проблеми и наталожените долгови.

Клубот од Нова Горица зад себе има богата историја и дури четири шампионски титули во Словенија. Горица беше најдобра во сезоните 1995/96, 2003/04, 2004/05 и 2005/06, а трипати го освои и националниот куп.

Особено успешен беше периодот во средината на 2000-тите, кога Горица беше еден од симболите на словенечкиот фудбал. Низ клубот во тој период поминаа и голем број фудбалери кои подоцна направија значајни кариери во Европа, меѓу кои Валтер Бирса, Тим Матавж и Миран Бургич.

Финансиските проблеми, сепак, со години се натрупуваа. Минатата сезона Горица не доби лиценца за настап во Втората лига поради неисполнување на финансиските услови.

Постоеја надежи дека клубот ќе продолжи да функционира барем преку младинските категории, но и тој план пропадна. На почетокот на август Горица ги повлече младинските селекции од натпреварувањата, а активностите беа префрлени на друго здружение. Неколку недели подоцна стана јасно дека клубот нема да настапува ниту во Приморската лига.