Пелистер засилен со Американец ќе го нападне трофејот во Купот!

Македонскиот прволигаш Пелистер се засили со американскиот кошаркар Џеремаја Гамбрел пред почетокот на завршницата од Купот на Македонија, која се игра од 13 до 15 февруари во салата „26 април“ во Гевгелија.

Американецот игра на бековската позиција, а има само 24 години и роден е во Хјустон, додека минатата сезона ја помина во тимот на Алкорн стејт брејвс, каде што во просек постигнувал по 13,2 поени и 1,1 украдени топки по натпревар.

Гамбрел оваа сезона за првпат игра во европската кошарка, односно во тимот на Металац од Ваљево, по што блесна на дуелот против тимот на Џокер, постигнувајќи 37 поени.

Пелистер во четвртфиналето на Купот ќе се соочи против Чаир, а потоа вкрстува со победникот од мечот меѓу МЗТ Скопје и Работнички.

Во останатите четвртфинални дуели во машка конкуренција ќе се соочат ТФТ и Гостивар, односно Куманово и Кожув.