Пелистер за малку ќе направеше од готово - вересија против Кожув, Куманово подобар од Гостивар
Во финишот од третиот период Пелистер имаше и највисоки 13 поени разлика, беше 68-55 за битолчани, се чинеше дека без проблеми ќе дојдат до триумфот, но проблемите настанаа во текот на последниот период.
Кожув почна да ја топи негативата и дојде дури и до предност од 79-77. Но тогаш се разбуди Пелистер и со серија од 8-0 ги реши дилемите околу победникот, дојде до недостижна предност од 85-79. Конечниот резултат гласеше 92-87.
Стевановиќ од Кожув имаше фантастична партија со 30 поени и 10 скокови, но таа не беше доволна за да се победи Пелистер. Кај домаќините најефикасен беше Антоин со 21 поен, имаше и осум скокови.
МКК Куманово ја искористи предноста на домашен терен и со 71-62 го совлада тимот на Гостивар.
Велер со 18 поени беше најефикасен во победничкиот тим, Радукиќ постигна 17. Во составот на Гостивар Комагум, Митевски и Соколов реализираа по 15 поени.