Пелистер си ја искомплицира ситуацијата, но дојде до нова победа

Вицешампионот Пелистер поведе со 2-0 во четвртфиналната серија од домашниот плејоф против Еуро Никел, по вечерашниот триумф против Еуро Никел со 90-85.

Малку недостасуваше битолчани да направат од готово-вересија бидејќи во текот на натпреварот водеа и со 19 поени разлика, а Еуро Никел имаше тројка за израмнување на десетина секунди пред последниот звук на сирената. По кошот на Маслинко на нешто повеќе од две минути пред крајот, Пелистер поведе со 84-71 и се чинеше дека работата е завршена.

Следуваше шутерско шоу на кавадарчани, три тројки од кои две на Смит Меквен и една на Дубински, плус Дубински беше фаулиран шри шут за тројка, па 20 секунди пред крајот гостите дојдоа на 85-88. Во следниот напад Лука Стојановски промаши две слободни фрлања и Младеновиќ доби шанса да го израмни резултатот, но беше непрецизен од дистанца и победата му припадна на Пелистер.

Костовски беше прв стрелец на Пелистер со 25 поени, Маслинко додаде 21, а Планиниќ 15. Кај Еуро Никел, сите од стартната петорка беа двоцифрени, а најмногу постигна Дубински - 23.