Пелистер е премоќен за Еуро Никел - го остави на нула за пласман во полуфинале!

Кошаркарите на Пелистер и трет пат го совладаа Еуро Никел (79-69) во Кавадарци и се пласираа во полуфиналето на македонската лига.

По израмнетиот почеток, Пелистер конечно направи исчекор кон победата во втората четвртина и на паузата замина со водство од 42-30.

Еуро Никел се обиде во вториот дел да ја врати резултатската неизвесност и израмни на 45-45, но потоа битолчани додадоа гас и до крајот не го испуштија водството за да слават со 79-69.

Најефикасен во победничкиот тим беше Планиниќ со 19 поени, додека Дубински постигна 17 поени за Еуро Никел.

Пелистер во полуфинале ќе игра против Работнички, кој претходно го елиминира Феникс со 3-0 во партии.