Партија на кариерата: Симоновски постигна 12 тројки и 42 поени за МЗТ во Романија!

Кошаркарите на МЗТ Скопје ќе играат за трофејот на меѓународниот меморијален турнир „Антонио Алексе“ во Романија, откако вечерва со брилијантна офанзивна игра го совладаа поранешниот АБА-лигаш Шолнок (115-94).

Македонскиот шампион триумфот го обезбеди во вториот и третиот период, кои заедно ги доби со 18 поени разлика (58-40). Последната четвртина беше само рутинско одработување на задачата, а тренерот Ѓорѓи Кочов дури имаше и можност да им даде шанса на помладите по достигнување на највисокото водство од плус 29 (105-76).

Оваа средба засекогаш ќе ја памети македонскиот репрезентативец Марко Симоновски, кој речиси сигурно го одигра најдобриот меч во досегашната кариера со 42 постигнати поени и дури 12 постигнати тројки со само пет промашувања. Американецот Џабари Хиндс средбата ја заврши со 21 поен и девет асистенции, додека Нуни Омот постигна 15 поени, а Андреј Маслинко 12 поени.

„Металците“ утре вечер ќе ги одмерат силите со организаторот Орадеа (18 часот) и тоа за победничкиот трофеј, откако овој тим вчера исто така беше подобар од унгарскиот претставник на турнирот.