Официјално: Александар Тодоров повеќе не е тренер на МЗТ Скопје Аеродром!

Нешто повеќе од 24 часа по синоќешниот пораз во вечното дерби против Работнички, екипата на МЗТ Скопје и официјално остана без тренер откако управата на клубот вечерва ја потврди информацијата за оставката на досегашниот стратег, Александар Тодоров.

Лошиот настап во АБА-лигата каде што македонскиот тим е убедливо последен со две победи и осум порази како и неочекуваните дури три неуспеха во досегашните осум меча во Првата лига се причините поради кои Тодоров реши да ја напушти клупата на „металците“. Управата на клубот вечерва јавно му се заблагодари за сѐ што сторил на шампионот, потенцирајќи ја можноста тој да остане во „Јане Сандански“, но во некоја поинаква улога.

Името на неговиот наследник се очекува да се дознае во текот на утрешниот ден, со оглед на незавидната ситуација во која се најдоа „металците“, кои в недела ги очекува можеби клучниот меч за опстанок во регионалното натпреварување, дома против Морнар. Меѓу најсериозните кандидати се Србинот Жељко Лукајиќ и Хрватот Дамир Мулаомеровиќ, иако во последен момент би можело да влета и некој друг кандидат.