Драстично променетиот тим на Работнички со победа ја почна новата сезона и тоа во меч кој ќе остане запаметен како историски со оглед што на другата страна од паркетот беше младинскиот состав на МЗТ Скопје (103-58), за кого ова беше прв дуел во елитата во која ќе настапуваат со додавката УНИ Банка, а тоа воедно беше и прва пресметка на втора екипа на клуб кој веќе настапува во елитата.

„Штркчињата“ од Аеродром и покрај убедливиот пораз долго ќе го паметат овој меч, пред сѐ поради фактот што за најголем дел од нив беше прво прволигашко искуство. Без разлика на крајниот резултат, единствена работа која избраниците на тренерот Горан Крстевски ќе ја запаметат од вечерашниот дуел е што во два наврати дури и беа во водство во пресметката со најтрофејниот тим во Македонија.

За „центарци“ ова беше официјална промоција на составот кој е драстично по различен во однос на минатата сезона, а воедно и деби на новиот тренер Димитар Мираковски, кој патиките веднаш ги замени со костум и чевли. Разликата помеѓу двата тима беше очигледна, поради што е тешко да се даде оценка за играта на црвено-белите, но факт е дека тројцата квалитетни странци, Данило Мијатовиќ, Двејн Бенџамин и Хајден Лескот ќе мора да добијат далеку поголема помош од домашните кошаркари.

Виктор Ефремовски со 23 поени (пет тројки) беше најпрецизен кај Работнички, Бенџамин постигна 19, Лескот 18, а Мијатовиќ 15 поени со седум скока. За одбележување е и настапот на Стеван Глигоријевиќ кој постигна само два поени, но имаше 12 скока. Кај МЗТ Скопје УНИ Банка најпрецизни беа Леонид Тодоровски и Борјан Стојановски со идентичен учионок од 12 поени и 10 скока.

Ова беше последниот меч од воведната рунда во Првата лига во која претходно актуелниот првак МЗТ Скопје како гостин го совлада Кожув (78-76), Еуроникел како гостин беше подобар од Вардар (92-82), Гостивар немаше мака со Академија ФМП (95-75) додека Куманово победи во дерби-пресметката со Пелистер (84-79). Второто коло почнува веќе задутре со историската пресметка на двете екипи со МЗТ Скопје во името, додека следниот викенд силите ќе ги одмерат Еуроникел и Пелистер, Академија ФМП и Куманово, Работнички и Гостивар односно Вардар и Кожув.