Ништо ново во макбаскетот: МЗТ со лесен трискок против Маџари дојде до 13. титула (ФОТО)
Неизвесноста траеше само во првата четвртина, во која дебитантот во елитата во првиот домашен финален меч во кусата клупска историја го наметна својот ритам и на момент поведе и со седум поени разлика (26-19). Тоа како да ги налути „металците“, кои прво со девет поени во низа прават резултатски пресврт (28-26), за нешто подоцна во првиот период со серија 11-2 да дојдат до веќе големи плус осум (46-38) како најава за крајниот епилог.

Домаќинот не се предаваше без разлика на водството на противникот, па во последниот дел од мечот во два наврати дури и го изедначи резултатот (66-66), но искуството на првакот повторно дојде до израз. Растрчаните аеродромци со 10-3 повторно дојдоа до опиплива позитива (76-69), која умешно ја задржаа до самиот крај.
Војдан Стојановски со 17 поени беше убедливо најдобар кај МЗТ Скопје, каде што се истакнаа уште и Душан Танасковиќ со 16 поени и седум скока и Мек Смит со 13 поени, шест скока и осум асистенции. Амар Хот со 20 поени и 18 скока беше убедливо најдобар кај Маџари.

Составот од Аеродром со овој триумф продолжи да му се приближува на Работнички на вечната листа, на која разликата сега е само два пехари (13-15).


