Николиќ: Пресреќен сум што бев актер и победник во вакво дерби за уживање!

МЗТ Скопје останува кошмар за најголемиот ривал, со оглед што вечерва ја оствари петтата победа во низа во дуелите со Работнички (91-87), што беше сефте за тренерот Драган Николиќ во дуелите помеѓу вечните скопски ривали.

Тој задоволен го напушти теренот, првенствено за победата, но и со полно срце поради прекрасната атмосфера која ја направија околу 2.500 навивачи во салата.

„Дерби за мерак, со фантастична атмосфера за што нашите навивачи заслужија чиста десетка, но тоа исто важи и за противничките фанови. Ова е тоа што ни треба, а не празните трибини како во времето на короната. Пред два дена имавме тежок меч во АБА, па Работнички настапи посвеж. Бевме на крајот од силите, но тоа не е оправдување за грешките и што повеќе пати го вративме противникот во игра. Од салата си заминувам задоволен и среќен што бев актер, а пред сѐ победник во ова дерби. Одигравме квалитетно, заслужено славевме, но и загрижен сум бидејќи немаме премногу време за одмор и рекуперација пред тешкото гостување в петок против Морнар во Бар“, изјави Николиќ.

МЗТ Скопје со оваа победа останува лидер на табелата во Првата лига со скор 11-2.