Неправдата исправена: Кожув и следната сезона ќе игра во Првата лига!

Екипата на Кожув со денешниот триумф во „мајсторката“ против Црн Дрим (91-78) го потврди опстанокот во Првата лига, а истовремено ја исправи неправдата што им беше нанесена со промена на системот на натпреварување среде сезона, со која им беа „избришани“ десетте победи од регуларниот дел од сезоната и беа фрлени во оган прволигашкиот статус да го бркаат во само три меча против противник кој во последен момент ептен се засили.

Гевгеличани одиграа најдобро кога беше најпотребно и со одлична игра во најголемиот дел од средбата ја добија клучната средба против гостинот од Струга. Неизвесноста траеше до средината на втората четвртина, кога домаќинот со осум поени во низа дојде до резултатски пресврт и водство кое потоа го задржа до самиот крај.

Репрезентативецот Марко Симоновски беше јунак во таборот на Кожув со 30 постигнати поени во „мајсторката“ и тоа со осум тројки со само две промашувања. Жоао Марсело, пак, со 23 поени беше најпрецизен кај Црн Дрим.

Покрај Кожув, во елитата следната сезона ќе игра и МЗТ Скопје УНИ Банка, екипа која службено го доби вториот натпревар против Вардар и со вкупно 2-0 во серијата си обезбеди опстанок во елитата. Нови прволигаши се Ангели и Феникс.