Кошаркарите на МЗТ Скопје како да се налутија по „непланираниот“ пораз во третото финално соочување, па со брза игра во нападот и со максимално агресивна одбрана во вечерашната четврта пресметка (втора по ред во „Кале“) го „казнија“ тимот на ТФТ (77-53) со што со вкупни 3-1 дојдоа до 12-тата титула во клупската историја.

За разлика од мечот во четвртокот, кога буквално го скршија кошот и брзо се најдоа во негатива од дури 20 поени, овој пат аеродромци почнаа концентрирано, силно и со огромна решителност да означат крај на кошаркарската сезона. Резултат на таквиот пристап е брзото двоцифрено водство (17-6) кое само го најави крајниот епилог. Избраниците на тренерот Васко Атанасов не запреа во ниту еден момент, што со серија 16-2 во вториот период им донесе огромни плус 24 (37-13) кои ставија крај на дури и најоптимистичните очекувања дека ќе има „мајсторка“ за три дена во „Јане Сандански“.

Домашниот тим многу поенергично го почна второто полувреме, во кое влегоа со негатива од дури 19 поени (25-44), па за само пет минути со серија 11-2 намалија на „само“ десет разлика (36-46). Потоа во неколку наврати имаа можност да дојдат и до едноцифрена негатива, но правеа грешки, што искусниот противник го казни па со шест поени во низа повторно дојде до комфорна разлика (59-43) на крајот од третиот период. Последните десет минути донесоа најмала тензија, бидејќи сите го очекуваа крајот, а „металците“ со тројката на Војдан Стојановски на четири минути до крајот повторно дојдоа до плус 20 (69-49) со што стави крај на средбата и го потврди големото славје во Аеродром.

Токму В. Стојановски, кој пред неколку дена за првпат стана татко, со 17 поени и по четири поени и скока беше лидер на ново-стариот шампион, каде што Дион Едвин реализира 15, а Бојан Крстевски и Дамјан Стојановски додадоа по 11 поени. Американецот Гринли со 11 поени беше најпрецизен кај ТФТ, кој беше драстично ослабен поради неиграњето на најдобриот сезонава, Зекери Браун, кој потешко се повреди на претходната финална средба.

Со ова продолжи доминацијата на тимот од Аеродром во домашното првенство, со оглед што од 2012 година до сега дури 12 пати беше шампион со само еден неуспешен поход кога во 2018 година беа поразени во финалето од Работнички. Во 2020 година немаше првак со оглед на прекинатото првенство поради епидемијата со коронавирусот. Лидер на вечната табела уште тимот од „Градски парк“, кој некако застана на 15 титула со само едно славје во последните 16 години. Три победи во првенството има Фени индустри (сегашен Тиквеш), а по една имаат Струмица и Никол Ферт.