МЗТ со уште една моќна победа над Гостивар дојде до мал чекор од полуфиналето!

Кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до мал чекор до пласман меѓу четирите најдобри во плејофот од македонското првенство, откако вечерва вторпат по ред убедливо го совладаа Гостивар (89-67) и поведоа со 2-0 во четврт-финалната серија што се игра до три победи.

Неизвесно беше само во првата четвртина, во која гостите имаа и водство со 17-12, а во првите неколку минути од вториот период се играше кош за кош со неколку промени во водството и изедначени ситуации на семафорот. Веќе пред крајот на полувремето „металците“ дојдоа до првата поопиплива разлика (37-29) како најава на крајниот епилог. Второто полувреме беше максимално еднострано, што најдобро се гледа од огромните плус 34 (81-47) во последниот период. Потоа дојде до опуштање кај домашните и намалување на крајната негатива од страна на гостите.

Харис Делалиќ со 14 поени и шест скока, Дамјан Робев со 13 поени и Андреј Андоновски со 12 поени беа најпрецизни кај тимот од Аеродром, додека Тома Стојаноски со 20 поени беше најефикасен кај Гостивар.

Третиот меч од серијата, кој воедно е прва „меч-топка“ за МЗТ Скопје, ќе се одигра следниот викенд поради настапот на сино-белите во доигрувањето од АБА2-лигата.