МЗТ со капитенот Дамјан и со подмладен тим ќе ја брани двојната круна!

Екипата на МЗТ Скопје планира сериозно подмладување за следната сезона и тоа со неколку кошаркари од вториот тим, кои две години по ред собираат искуство настапувајќи во Првата лига и за кои сметаат дека се доволно квалитетни да настапат за најсилниот состав на клубот од „Јане Сандански“.

Нивните имиња засега не се објавуваат, а директорот Тони Грнчаров потенцира дека ваквиот чекор е само потврда на исправноста на стратегијата што ја форсираат изминативе неколку години.

„Време нашите таленти да блеснат на голема сцена, односно најдобрите од младинскиот состав да добијат шанса во првиот тим, да го покажат и докажат својот квалитет во битките за највисок дострел. Ќе повлечеме неколкумина од вториот тим, за кои сметаме дека се доволно зрели и дека имаат доволен потенцијал за да дадат свој придонес во новиот обид да се освојат двете домашни круни. Со тоа само ќе ја потврдиме исправноста на нашата досегашна стратегија, за давање шанса на младите во Првата лига, со што бенефит нема само МЗТ Скопје, туку и македонска кошарка во целост“, вели Тони Грнчаров, извршниот директор на МЗТ Скопје Аеродром.

Покрај радоста од освоената двојна круна, кај „металците“ постои и мала горчина поради полошиот резултат остварен во АБА2, каде што испаднаа уште во четвртфиналето од плејофот против Младост Земун.

„Можевме подобро во АБА2-лигата, но еднокружниот систем, напорот што доаѓаше со играњето турнирски, корона кризата, но и очигледното форсирање други екипи, беа причините за полошиот резултат, кој не нѐ разочарува, туку ни дава мотив за уште понапорна работа за да дојдеме до посакуваната цел и на регионална сцена“, дополнува Грнчаров.

Единствен во моментов што има договор со МЗТ Скопје е Дамјан Стојановски, но тоа не значи дека дел од останатите што дојдоа до двојната круна нема да останат во „Јане Сандански“. Преговорите се почнати, а наскоро ќе се знае дали и кој од нив ќе продолжи да го носи сино-белиот дрес на аеродромци.