МЗТ со една пеколна четвртина дојде до петтиот трофеј во Суперкупот (ФОТО)
Победникот беше решен уште во првата четвртина од мечот, кога актуелниот шампион со серија 15-4 првпат дојде до двоцифрена предност (24-11), која на сино-белите им овозможи порелаксирана игра до крајот на средбата. Аеродромци беа исклучително расположени во нападот, за што најдобро говори што границата од 40 постигнати поени ја минаа по само 15 минути игра, кога дојдоа до највисоките дотогаш плус 18. Тоа како малку да ги подразбуди освојувачите на Купот на Македонија, кои вратија со 8-2, за до крајот на полувремето да дојдат до негатива од 13 поени (34-47).
ТФТ второто полувреме го почна далеку поангажирано и попрецизно, што им го донесе првото, по подолго време, „спуштање“ на едноцифрена негатива (44-53). Но, сино-белите од „Јане Сандански“ не дозволија противникот целосно да се разигра, па во втората половина од третиот период со серија 13-2 првпат дојдоа до позитива од најмалку 20 поени (69-48). Ова, сепак, не донесе мир на сино-белата клупа бидејќи популарната „Тафта“ во следните две минути постигна девет поени во низа (57-69) и одново го остави мечот отворен во однос на крајниот победник.
Куп-победникот продолжи во ист стил и со брзи седум поени во последните секунди од третата и на почетокот од последната четвртина дојдоа на само минус пет (68-73) покажувајќи дека немаат намера да се предадат. Но, освен што уште двапати намалија на истата негатива, последен пат на 81-86, кошаркарите од Тафталиџе не успеаја да дојдат до целосен пресврт за уште една сензација во нокаут-мечевите против големиот ривал. За утеха ќе им остане што резултатски беа подобри во три четвртини, но на крајот мораа да гледаат како пехарот завршува во рацете на противникот.
Јунак во таборот на МЗТ беше Страхиќа Миќовиќ, кој средбата ја заврши со 27 поени и пет скока, а веднаш зад него беа Мајк Кафи со 18 поени и Дамјан Стојановски со 16 поени. Кај ТФТ најпрецизни беа Лахлан Андерсон со 20 и Страхил Николов со 19 поени.
Ова беше вовед во новата кошаркарска сезона кај нас, која за МЗТ почнува в сабота на гости кај Црвена Звезда на стартот од АБА-лига додека за останатите прволигаши тоа ќе биде на 8 октомври со почетокот на Првата лига.