Кошаркарите на МЗТ Скопје остварија уште една победа во подготвителниот период пред новата сезона, во која ќе ја бранат титулата и ќе пробаат да се вратат во АБА-лигата, откако вечерва, на домашен терен, го добија првата од двете закажани контроли против романскиот тим Крајова (82-72).

Аеродромци претходно беа подобри од Гостивар, Вардар, Сигал Приштина и унгарски Шолнок додека загубија од романска Орадеа. Дуелот против тимот кој е предводен од првиот шампионски тренер на овој клуб, Александар Тодоров, беше добиен во вториот период во кој сино-белите направија серија 24-1 за убедлива предност од 41-26, која умешно беше задржана до самиот крај.

Најефикасни во составот предводен од Ѓорѓи Кочов беа Американците Нуни Омот со 19 и Џабари Хиндс со 12 поени, додека Андреј Маслинко постигна 11 поени со осум скока, а Бојан Крстевски додаде 10 поени. За „металците“ настапи и Србинот Никола Шчекиќ (24 год, 218 см), кој деновиве тренира со македонскиот состав.

Вториот натпревар помеѓу МЗТ Скопје и Крајова ќе биде одигран утре во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“ и ќе биде од затворен тип.