МЗТ Скопје се засили со најголемиот талент од својот втор тим!

Тимот на МЗТ Скопје го засили играчкиот состав за новата сезона и тоа со голем талент од својот втор тим што исто така има прволигашки статус, со што најави тренд според кој во иднина треба да се очекува повеќе слични преселби помеѓу двете аеродромски екипи од елитата.

Станува збор за капитенот на кадетската, јуниорската и младинска репрезентација на Македонија и доскорешен лидер на МЗТ Скопје УНИ Банка, Дарио Митевски (19 год, 190 см), кој потпиша четиригодишен договор со важност до крајот на сезоната 2024/25. Тој е дете на актуелниот македонски шампион, каде што ги направи првите кошаркарски чекори уште на 13 годишна возраст и од кого се очекува да биде светла иднина и еден од следните лидери на сино-белите.

Митевски веќе настапи на двете пријателски средби на тимот од Аеродром против Арис и Ираклис во Солун, а според најавите се очекува тренерот Дарко Радуловиќ да му даде солидна минутажа во новата сезона, како трета опција на плејмејкерската позиција заедно со Дастин Вер и Кристијан Николов.