Кошаркарите на МЗТ Скопје ја запишаа петтата победа во шестиот меч во новата сезона на домашна сцена, до која, сепак, дојдоа потешко од очекувањата со оглед што од другата страна беше дебитантот во елитата, Академија ФМП (78-62).

Аеродромци избегнаа изненадување какво што претрпе нивниот голем ривал Работнички, кој загуби од „академците“ пред една недела, но мораа да одиграат максимално за да ги потврдат однапред планираните бодови. Гостите беа речиси рамноправни во првото полувреме, во кое во повеќе наврати беа во водство, но паднаа во продолжението, кога работите дојдоа на свое место, односно шампионот одигра во петта брзина.

Дамјан Стојановски со 18 и Бојан Крстевски со 17 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје, додека Роналд Харис со 15 и Даниел Нацевски и Александар Лонг со по 12 поени беа најефикасни кај Академија ФМП.

Вечерва лесно до бодовите дојде и Пелистер на гостувањето кај Вардар (95-71), додека претходно денеска, Гостивар рутински, како гостин, го совлада младиот состав на МЗТ Скопје УНИ Банка (106-76). Подоцна вечерва играат Еуроникел и Работнички односно Кожув и Куманово.