МЗТ се загреваше една четвртина па лесно обезбеди полуфинале во Купот (ФОТО)
Бранителот на трофејот во натпреварот влезе како голем фаворит, што и го потврди на паркетот. Гостиварци во првата четвртина покажаа дека не случајно се најдоа меѓу осумте најдобри екипи во ова натпреварување, со оглед на силниот отпор и водството по првите десет минути игра. Но, кога аеродромци заиграа подобра одбрана, тогаш разликата во квалитет дојде до израз. Неизвесноста траеше до резултатот 29-29, по што сино-белите со серијата 21-9 дојдоа до првото двоцифрено водство (50-38) и тоа најмногу поради четирите тројки на Дамјан Робев и одличните потези на Харис Делалиќ.
Тимот предводен од Васко Атанасов и во второто полувреме продолжи во ист стил, па со максимално користење на заморот кај противникот поради ептен куса ротација од минута во минута само го зголемуваше водството. Кон средината на третиот период „металците“ веќе имаа плус 25 (70-45) со што беше ставен крај на сите дилеми, па до крајот сите само го чекаа последниот звук на сирената. Убедливата предност му овозможи на тренерот на македонскиот првак да калкулира со минутажата, одлично да ја распредели рамномерни на сите со цел да не дојде до преголем замор кај носителите со оглед што на завршниот турнир се игра буквално секој ден.
Делалиќ со 22 поени беше најефикасен во победничкиот тим, додека зад него беа Дамјан Робев со 13 поени (четири тројки) и седум скока и Душан Танасковиќ со 13 поени и осум скока. Американецот Тајрес Вилијамс со 23 поени беше убедливо најпрецизен кај Гостивар.
МЗТ Скопје за противник во полуфиналето ќе го има подобриот од пресметката помеѓѕ Работнички и ТФТ (17 часот), додека во вториот полуфинален дуел силите ќе ги одмерат победниците од преостанатите две денешни четвртфиналиња помеѓу Еуро Никел и Чаир 2030 (14.30 часот) односно Пелистер и Феникс (19.30 часот).