Блокотехна блесна и го изненади МЗТ Скопје!

Кошаркарите на Блокотехна маестрално ја отворија новата прволигашка сезона, откако вечерва, на домашен терен, го совладаа тимот на МЗТ Скопје (81-78), тим кој во мечот влезе како голем фаворит особено по двете стартни убедливи победи во регионалната АБА2-лига.

Гостите подобро го отворија мечот и по почетното испитување на силите ја презедоа контролата врз резултатот, што им донесе позитива и од плус 12 (33-21) по само една минута од втората четвртина благодарение на двете брзи тројки на Андреј Магдевски. Но, ова не ги збуни избраниците на тренерот Марјан Илиевски, кои во следните четири минути враќаат со 15-5 и сериозно му се доближија на противникот (36-38) најавувајќи исклучително неизвесен финиш.

Второто полувреме продолжи во ист ритам, со тоа што Блокотехна во неколку наврати дури и го презеде водството. Шутот од далечина на Литванецот Повилас Гаидус и неговата заедничка доминација со Данило Мијатовиќ под кошевите (44-28) ги одржуваа домашните во ситуација да може да се надеваат на победа во пресметка со фаворизираниот противник.

Во последните минути се влезе со изедначени 71-71 и тоа по период исполнет со многу грешки и промашувања од двете страни. По неколку наизменични кошеви, дојдоа пет поени во низа на Блокотехна за ерупција од одушевување во салата и водство од 78-74 на нешто повеќе од две минути до крајот. Вицешампионот врати со тројка на Лестер Медфорд, но Марјан Младеновиќ претходната тројка ја дополни со две прецизно изведени слободни за 80-77 за огромно водство на гевгеличани на десетина секунди до крајот. Следуваше пенал-завршница со среќен крај за домашниот состав.

Гаидус со 20 поени и девет скока и Мијатовиќ со 17 поени и девет скока беа убедливо најзаслужни за триумфот на Блокотехна, а огромен удел во победата имаа тројцата македонски кошаркари, Лефкоски, Глигоријевиќ (по 11 поени) и Николиќ (10 поени), додека капитенот Горан Главчев одигра универзален меч со шест поени, пет скока и шест асистенции. Дамјан Стојановски и Љубомир Младеновски со по 15 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје, кој одигра без повредениот Марко Симоновски.

Вчера, Работнички со плус 50 го совлада АВ Охрид, Куманово беше подобар од Вардар, Гостивар минимално, но заслужено го победи Кожув додека Фени индустри најде лек за Пелистер. Слободен беше Шкупи.