МЗТ по втора победа во финалето, Пелистер по брејк кој дава надеж за титула

Финалната серија во македонското кошаркарско првенство продолжува вечерва во „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје и Пелистерќе го одиграат вториот натпревар.

Тој почнува во 19 часот, а може да го детерминира продолжението од финалето. Триумф ќе го донесе МЗТ Скопје на чекор од петтата титула по ред и 11. вкупно во историјата бидејќи потоа ќе има три меча од кои еден на домашен терен за да стави печат на сезоната. Во случај на триумф на Пелистер, битолчани ќе го повторат сценариото од полуфиналната серија против Работнички и ќе можат на двата дуела на домашен терен да се обидат да дојдат до првата титула во постоењето на клубот.

Пелистер одигра одлично на двете досегашни гостувања во „Јане Сандански“, во јануари славеше како гостин, а во вторникот за малку не успеа да направи брејк. За да дојде до посакуваната победа, ќе треба малку поголема дрскост во клучните моменти, за разлика од првиот натпревар кога битолчани испуштија можност за триумф како гости.

Во исто време со дуелот во Аеродром, во Кале продолжува битката за третото место меѓу Работнички и ТФТ. Тимот од Градски парк води со 1-0 и во случај на триумф вечерва ќе ја освои бронзата за оваа сезона.