МЗТ непотребно компликуваше, Слај мораше сам да го „вади“ шампионот (ФОТО)
Аеродромци постојано беа во водство, имаа плус 13 (70-57) кон средина на последната четвртина, но нагло попуштија во финишот што противникот го искористи и со тројката на Хавиер Роудс со звукот на сирената за 85-85 дојдоа до екстра пет минути. Гостиварци и есктра периодот го почнаа одлично, со тројка на Максим Митевски, но потоа контролата ја зеде домашниот Американец Брендон Слај, кој со девет поени во низа му ја донесе победата на актуелниот првак.
Најефикасен во победничкиот тим беше Милош Копривица со 22 поени и девет скока, Слај заврши со 20 поени, додека Марко Баковиќ имаше 11 и 11 скока. Митевски беше најпрецизен кај Гостивар со 27 поени, додека Роудс застана на 24 поени.