МЗТ: Ако Работнички нѐ пречека во „Парк“, ние реваншот ќе го играме во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“!

По долго чекање, викендов ќе почнат возбудувањата во кошаркарската елита, каде што работите се вжештија уште пред првото потфрлање на топката, откако МЗТ Скопје жестокот го нападна првиот човек на КФМ, Перо Антиќ, за дозволата што му ја дал на Работнички да го организира вечното дерби во својот „Градски парк“.

Веќе подолг период се најавува дека овој спортски објект ќе биде испратен во пензија, а дури и самите челници на Работнички најавуваа преселба во СРЦ „Кале“ за средбите од Првата лига, односно во „Борис Трајковски“ за дуелите од АБА2, за вчера изненадувачки да дојде информацијата дека новата сезона ќе ја почнат во својот долгогодишен дом. Соопштението на МЗТ ви го пренесуваме во целост.

„Колку што со нетрпение го очекувавме стартот на новата сезона, која челниците на КФМ се смилуваа да ја почнат еден месец подоцна од предвиденото, толку бевме шокирани кога го добивме делегирањето за првата средба.

Веќе подолго време знаевме дека шампионатот ќе го почнеме на гости против Работнички, но ниту во сон не очекувавме дека тоа ќе треба да го направиме во „Градски парк“. Како и целата спортска јавност, бевме убедени дека овој спортски објект дефинитивно е пензиониран со оглед што не ги исполнува условите за одигрување средби од највисок ранг. Дури и читавме во медиумите изминативе месеци дека нашиот ривал ќе игра во СРЦ „Кале“.

Но, Перо Антиќ очигледно уште еднаш им излегол во пресрет на своите коалициски партнери и им дал дозвола да играат во салата, која не ги исполнува регулативите на ФИБА. Не се проблем само руинираните соблекувални, за чија страшна состојба се „слушна“ дури до Америка, немањето адекватни тоалети, туку елементарни работи поврзани со играта на паркетот.

Управниот одбор на КФМ на почетокот од октомври 2018 година донесе одлука да се забрани играњето во „Градски парк“ бидејќи комисијата за лиценцирање измерила дека „нема два метри простор од аут-линијата до првата следна пречка (записничката маса) и за такво нешто недостасуваат дури 65 сантиметри“, што е спротивно од прописите на ФИБА. Знаеме дека и по оваа одлука се правеа компромиси, па беа давани дозволи надвор од прописите во интерес на кошарката, но со ветувања дека тоа ќе биде последен пат. И веќе помисливме дека ќе нема нови п(р)опусти од Куќата на кошарката, но се измамивме.

Господа од КФМ, зарем не мислите дека е време да го пензионирате „Градски парк“, монтажен објект од времен карактер изграден пред 50 години, во кој ништо не е направено со децении и во кој условите се полоши од тие во третиот свет. Срамота е што дозволувате да се игра во сала, за која уште во 1979 година од легендарниот Лазар Лечиќ беше потенцирано дека „не одговара на реномето на кошарката во светот и на реномето на Работнички. Претесна е, не е комфорна и нема услови за адекватна работа“.

Колку што знаеме, летово комисија за лиценцирање ги посети сите прволигашки сали, зарем не беше и во „Градски парк“ да ги увиди пропустите евидентирани од своите претходници. Бараме јавно да биде објавен извештајот на оваа комисија, да видиме кој не си ја завршил работата и кој е виновник за враќањето на овој објект меѓу тие каде што ќе се игра елитна кошарка. Ако не ги добиеме одговорите, тогаш ние следното вечно дерби како домаќини ќе го играме во салата во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, каде што е потопло, со подобри соблекувални и сигурно подобри услови за играње од „Градски парк“

А, со ваквите ситни игри, Антиќ само си ги потврдува коалициските односи со своите пријатели, кои најдобро можеа да се видат кога заеднички, со сите сили, сторија сѐ за да му ја одземат титулата на МЗТ Скопје во минатиот шампионат, иако нашите тим беше првопласиран на табелата по игрите на теренот. Но, за жал, не бевме толку силни во дворските игри, во кои луѓето од КФМ и нивните партнери се покажаа повешти и поумешни.

И, на крајот, имаме важни прашања за Перо Антиќ и за неговите коалициски партнери. Што правиме ако в недела во периодот помеѓу 18 и 20 часот почне силно да врне, знаејќи ја пропустливоста на кровот во „Градски парк“? Ќе се селиме ли во друга сала, како што беше тоа случајот во март годинава, во последното коло пред прекинот поради пандемијата? Зарем не сметате дека тоа би било голем срам за македонската кошарка на почеток од третата деценија од 21 век?

И, зарем не би било тоа голем срам за вас како нејзин предводник и причина веднаш да си поднесете оставка?“, велат аеродромци.

Пресметката помеѓу Работнички и МЗТ Скопје во моментов е закажана за в недела во 18 часот во „Градски парк“, со можност да биде преместена за утре поради желбата да има пренос на МТВ, која, пак, не може да го стори тоа ако се игра задутре.