Митревски: Огромно е задоволството да се игра во квалификациите за Лигата на шампионите

Репрезентативецот Андреј Митревски летово го засили Пелистер од Феникс и тој пристигна како единствено засилување за битолскиот состав од домашното првенство.

Зад себе Митревски има искуство и на домашна и на меѓународна сцена, долго време беше капитен на Феникс, а исто помина и низ младинските селекции на Македонија, па така сигурно дека може многу да помогне во амбициите на Пелистер оваа сезона.

Со натпреварот против Реџана в петок и првпат ќе почувствува како е да се биде дел од Лигата на шампионите. 

„Благодарен сум на клубот и раководството што сум дел од овој тим што ќе игра на високо ниво во европската кошарка. Без разлика дали ќе учествуваме во групите на ЛШ или Европа купот, ова треба да биде поттик и за нас како клуб и за останатите во македонската кошарка бидејќи само така таа може да се развива. Нашиот противник во Лигата на шампионите е одличен, но тоа за нас не значи ништо, ова го гледаме како докажување, а не како сожалување дека сме добиле тежок ривал. За мене е големо задоволство што ќе имам можност да играм европско натпреварување со кое се добива големо искуство и како тим и индивидуално.

Во однос на домашното првенство, исто така целта е да стигнеме што подалеку, да донесеме трофеј бидејќи битолчани се вљубеници во спортот. Пелистер беше неколку пати на чекор од освојување пехар, како во првенството, така и во Купот и ќе се обидеме конечно да го оствариме долгогодишниот сон на битолчани, рече Митревски.