„Малиот“ Андреј е најсреќниот по титулата на МЗТ – ја освои со детските идоли крај себе!

Прексиноќешната трета победа по ред во финалната серија со Пелистер значеше и десетта титула во клупската историја за МЗТ Скопје, што донесе огромна еуфорија кај кошаркарите и најверните навивачи на „металците“, но дефинитивно најсреќен беше човекот кој влегува и во двете категории, кому ова му донесе остварување на – детскиот сон.

Станува збор за 21-годишниот Андреј Андоноски, кој сезонава беше освежување во сино-белата чета, а кој во финишот доби сериозна шанса да го покаже и докаже несомнениот квалитет. Крилниот центар одигра одлично во плејофот, особено во вториот меч кога постиугна 12 поени со седум скока и беше меѓу најзаслужните за триумфот на „металците“. Тој е голема иднина не само на шампионот, туку и на македонската кошарка во целост, со оглед што се очекува да биде еден од носителите на жолто-црвената селекција во деценијата што е пред нас.

„Дефинитивно сум на седмото небо бидејќи освои титула со тимот за кој навивам целиот мој живот. Чувството е неверојатно, бидејќи е награда за сиот труд вложен изминатава сезона. Ова беше една од главните цели и пресреќен сум што ја остваривме, а што секако ќе ни биде мотив за уште подобра работа во иднина“, ни изјави пресреќниот Андоноски.

Тој е дете пораснато во Аеродром, што дефинитивно носи поголема еуфорија по остварувањето не само на овој успех, туку и на освојувањето на куп-трофејот и на пехарот во Суперкупот.

„Секој аеродромец живее за успесите на МЗТ. Од кога паметам за себе навивам за гордоста на нашата населба. А, оваа титула ми е послатка од сите претходно, разбирливо бидејќи и самиот имав директен придонес во нејзиното освојување“, објаснува „малиот“ Андреј.

Годинешниот успех има дополнителен шмек за Андоноски, бидејќи е остварен крај браќата Војдан и Дамјан Стојановски, кои се негови детски идоли.

„Како мал сонував дека еден еден ќе играм како моите идоли, како двајцата врвни кошаркари, чии мајстории на паркетот прво ме 'примораа' уште повеќе да ја засакам кошарката, а потоа и да тренирам напорно за барем приближно да бидам како нив. Да се игра крај нив, па згора на тоа да се освои титула заедно со нив е нешто неверојатно. Горд сум и чест ми е што можат да ги наречам соиграчи од кои секојдневно учам и поради кои дефинитивно сум подобар кошаркар“, гордо вели крилниот центар на аеродромци.

Андоноски минатото лето беше прекомандуван во првиот тим на МЗТ по неколку одлични сезони во втората екипа на тимот од „Јане Сандански“, со која настапуваше и во прволигашката конкуренција. Сезонава ја почна со седење на клупата, но со доаѓањето на Васко Атанасов доби шанса да покаже дека е талентиран, која максимално ја искористи.

„Зад нас е прилично турбулентна сезона, исполнета со падови и подеми, но - крајот го краси делото. Добив шанса во најбитниот дел од сезоната и горд сум што имав удел во успесите на овој клуб“, потенцира талентот на МЗТ.

Пред десет години беше дете кое имаше среќа да се фотографира со својот идол, а по десет години се гледа како негов наследник во сино-белата чета, но и во репрезентацијата.

„Од фотографијата со Војдан мина една деценија во која со напорна работа стигнав до дресот на тимот за кој навивам. По десет години, пак, се гледам како лидер на МЗТ во европски натпреварувања и како стандарден репрезентативец на Македонија. Се надевам дека со напорна работа, многу пот и труд ќе успеам да го остварам тоа“, завршува Андоноски.

Крилото на МЗТ настапува во жолто-црвениот дрес на Македонија уште од 14 години, минувајќи ги сите возрасни категории, а со оглед на игрите во финишот од сезонава само прашање е на време кога ќе стане и дел од најсилниот национален тим, во обидот тој да се врати во врвот на европската кошарка.