Шкотски навивачи во проблем, властите во САД им ги откажале визите
Десетици навивачи тврдат дека нивниот статус во електронскиот систем за визи (ЕСТА) ненадејно бил променет од „одобрено“ во „патувањето не е одобрено“, без никакво објаснување.
Лорен Бис, вршител на должноста помошник-секретар во Министерството за внатрешна безбедност на САД, изјави дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп строго ги спроведува имиграциските закони и дека апликациите за ЕСТА постојано се проверуваат преку базите на податоци на безбедносните и полициските служби.
„Администрацијата на претседателот Трамп ги спроведува имиграциските закони. Во рамките на Програмата за безвизен режим, сите апликации за ЕСТА континуирано се проверуваат преку базите на податоци на органите за спроведување на законот и безбедносните служби“, изјави Бис.
Таа додаде дека патниците мора да достават целосни и точни информации, вклучително и податоци за евентуално криминално минато.
„Непријавувањето апсења или пресуди претставува давање неточни информации и може да доведе до одбивање или поништување на ЕСТА-дозволата, како и до трајна забрана за влез во САД. Одобрената ЕСТА не гарантира влез во земјата“, порача Бис.
Засега не е познато колку навивачи се погодени од овој проблем. Дел од нив наведуваат дека нивниот статус е променет во „на чекање“, со известување дека конечната одлука може да потрае до 72 часа, оставајќи многумина во неизвесност само неколку дена пред планираното патување на Светското првенство.
Фото: Scotland National Team