МЗТ ќе се жали: Ригорозно сме казнети за меч со 250 гледачи!

Македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје, е шокиран од казната од страна на АБА-лигата во износ од 15.000 евра и играњето еден натпревар пред празни трибини поради неколкуте прекини на неодамнешната средба против Сутјеска (плукање и навредливо скандирање), поради што ќе поднесе жалба барајќи преквалификување на пропустот.

За аеродромци, ригорозноста која ја покажале челниците на регионалното натпреварувања дошла како „гром од ведро небо“, особено што, според нив, е поради случувања на натпревар на кој имало едвај 250 гледачи и на кој, според нив, немало посериозен инцидент. Соопштението ви го пренесуваме во целост.

„Информацијата дека сме казнети со неверојатни 15.000 евра и настап на еден натпревар пред празни трибини (следниот против Хелиос) ни дојде буквално како „гром од ведро небо“, пред сѐ поради поради ригорозноста покажана кон нашиот клуб.

Шокирани сме од одлуката, особено што станува збор за натпревар на кој присуствуваа само 250 гледачи и на кој немаше некој посериозен инцидент. МЗТ Скопје Аеродром долги години наназад настапува во натпреварувањата од АБА-лигата и досега бил домаќин на голем број натпревари, на кои никому ништо не му се случило. Затоа сме изненадени што преку ноќ се заборава на одлично организираните натпревари низ годините и ни се наметнува епитетот на проблематичен домаќин.

Досега сезонава сме казнети со повеќе од 20.000 евра и тоа за средби на кои вкупно на сите заедно немало ниту приближно гледачи како на само еден од попроблематичните дуели на кои бевме сведоци во регионалното натпреварување изминативе две години. Затоа, МЗТ Скопје Аеродром уште денеска ќе поднесе жалба на одлуката на дисциплинскиот судија и уверени сме дека ќе ја истераме правдината на виделина, односно ќе покажеме дека направениот грев е погрешно проценет и дека наместо сериозен ќе треба да биде сместен во категоријата помали прекршоци. А за тоа, санкциите се далеку помали“, се вели во реакцијата на МЗТ Скопје.

Ако казната остане иста, тогаш сино-белите од Аеродром следниот домашен меч против Хелиос (30 јануари) ќе мора да го одиграат пред празни трибини.